Никогаш досега немало толку голема разлика во цената на горивото меѓу Германија и Полска. Затоа германските возачи сè почесто одат по гориво преку границата. И затоа германските бензински пумпи бараат помош од државата, пишува „Дојче веле“.
Горивото на германските бензински пумпи е по рекордни цени. Возачите мора да користат апликации што покажуваат каде е најевтино за да најдат бензин под 1,80 евро за литар или дизел под 1,60 евро. Често е и поскапо – затоа што германските бензински пумпи ги менуваат цените во просек петпати на ден.
Но, оние што живеат во близина на источната германска граница со Полска пронашле едноставно решение – само ја преминуваат границата и го полнат резервоарот до врв.
По намалувањето на данокот на додадена вредност, горивата во соседната земја преку ноќ поевтиниле за нови десетина центи за литар. Бензинот сега е поевтин од Германија за 60 центи за литар, а дизелот за 45. Оној што ќе го наполни резервоарот во Полска заштедува триесетина евра.
-Продажбата на гориво во Германија во областите во близина на границата падна речиси 50 отсто во јануари. Полските бензински пумпи, пак, известуваат дека нивниот промет е зголемен 50 отсто, вели Јирген Цајгнер, шеф на Здружението на сопствениците на бензинските пумпи.
Според „Ди Велд“, речиси 300-400 бензински пумпи во Германија би можеле да банкротираат поради големата разлика во цената во однос на Полска. Крајниот исток на Германија и онака е најмалку развиен и населен. Таму густината на бензинските пумпи е најмала во целата држава.
Кога нема автомобили што точат гориво, има и помалку луѓе што застануваат во малите продавници во рамките на пумпите. А бензинските пумпи заработуваат две третини од приходите не од гориво туку од ситниците што се продаваат во тие маркети – пијалаци, цигари, сендвичи итн.