Карим Бензема вчера поднесе тужба за клевета против францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, кој минатата година изјави дека поранешната ѕвезда на Реал Мадрид има „озлогласени“ врски со Муслиманското братство.
Дарманин, десничар со планови за француското претседателство, го критикуваше Бензема откако поранешниот напаѓач на Франција и добитник на Златната топка од 2022 година објави на платформата Х во средината на октомври поддршка за жителите на Газа, за кои тврдеше дека се жртви на „неправедно бомбардирање“ извршено од Израел.
Дарманин одговори на објавата на Бензема, наведувајќи дека играчот „има озлогласена врска со Муслиманското братство“, сунитска муслиманска исламистичка група од Египет.
Во жалбата на Бензема, поднесена од неговиот адвокат Хјуг Вижие се вели дека забелешките ја „поткопуваат“ честа и угледот на играчот.
Во својата жалба, Бензема, кој игра за саудискиот клуб Ал-Итихад и е муслиман, вели дека „никогаш немал ни најмала врска со Муслиманското братство“.
Во октомври, Дарманин рече дека нема „ништо против“ Бензема, но дека е „зачудувачки“ што тој не објави ништо за поддршка на Израелците убиени во напад на Хамас или на наставникот по француски јазик кој претходно беше избоден до смрт од поранешен исламистички студент истиот месец.
Тужбата беше поднесена до Судот на правдата, единствениот француски суд овластен да ги гони членовите на владата за прекршоци направени во текот на нивните должности.