Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, објави денеска преку социјалните мрежи дека веќе нема да настапува за француската репрезентација за која во текот на кариерата собра 97 настапи и постигна 37 голови.
„Ја испишав својата приказна, а на нашиот заеднички пат дојде до својот крај“, напиша Бензема, кој денеска го прославува својот 35. роденден.
За разлика од трофејната кариера на клупски план со Лион, а особено со Реал, Бензема немаше многу успеси со Франција. Тој не беше дел од составот кој во 2018 година ја освои светската титула, а Мундијалот во Катар го пропушти поради повреда.
Но, додека траеше турнирот Бензема ја залечи повредата и можеше да ѝ се приклучи на репрезентацијата, меѓутоа селекторот Дидие Дешамп не сакаше да одговори на прашањето дали дополнително ќе го повика освојувачот на Златната топка, а и самиот Бензема во еден момент преку социјални мрежи порача дека „не е заинтересиран“.
Единствениот трофеј со Франција го освои во 2021 година во Лигата на нации.