Бени Шаќири: И ВМРО ДПМНЕ да беше на власт, ќе го поддржев референдумот!

by fokus

Арбенд Шаќири, познат во јавноста како Бени од рок групата Нон-Стоп периодов е актуелен со видео спотот за поддршка на референдумот, каде настапува заедно со повеќе естрадни уметници и актери.

Во спотот за ,,Излези ЗА европска Македонија” покрај него, се појавуваат и Владо Јаневски, Виолета Томовска, Тамара, Ѓоко Таневски, Дац, Дани, Викторија Лоба, Гиш и други. Шаќири, кој никогаш не криел дека му е блиска политичката идеологија на СДСМ, во врска со поддршката за претстојниот референдум вели дека сепак, не треба да се мешаат партии, бидејќи овде станува збор за нешто кое што е над партиите.

Во разговор за ,,Фокус” рокерот открива дека дури и ВМРО да е на власт, ќе излезе на референдумот на 30-ти септември, бидејќи се работи за надпартиска работа која е од огромно значење за иднината на земјата.

-Нема тука ниту СДСМ, ниту ВМРО, ниту пак било која друга политичка партија. Референдумот е за иднината на Македонија и не треба да ги мешаме партиите. Јас лично, дури и да беше на власт ВМРО ДПМНЕ, и за време на нивното владеење да се постигнеше преспанскиот договор, ќе бев за референдумот и ќе ја дадев мојата поддршка. Тоа што тие беа на власт над десет години, и за тој период не успеаа да постигнат договор со кој ќе ја приближат земјата кон Европа и ќе ни го отворат патот кон светла иднина, не е проблем на народот. Да ги тргнеме на страна партиите, овде се работи за Македонија – ни изјави музичарот.

Во 2016 година, во екот на Шарената револуција тој го промовираше спотот за песната ,,Нема правда, нема мир”, песна која стана еден вид на химна на револуцијата. Тогаш, во интервју за ,,Фокус” на прашањето дали јавното изнесување на мислењето околу актулените состојби во земјава и на некој начин, завземањето на одредена страна, носи или одзема обожаватели, тој порача дека е на страна на правдата и треба да се почитува правото на став и избор на секоја индивидуа.

-Апсолутно не ме интересира дали ќе добијам или изгубам обожаватели (Би рекол фанови, но ми звучи грдо), затоа што ако истите тие луѓе не го почитуваат моето право на став и избор, тогаш искрено жалам, но немаме ништо заедничко од едноставна причина што јас повеќе ги почитувам луѓето со став, па макар и погрешен или спротивен на мојот, отколку луѓето без став за кои мислам дека се безрбетници и не би сакал да ми се во близина! Моја лична одлука е дали ќе завземам страна, а во конкретниот случај сум на страна на правдата, достоинството и правото на нормално живеење и функционирање без да ме малтретира некој од било која структура на власта само затоа што немам иста партиска книшка како неговата!- порача Шаќири уште пред две години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости