Бени и Нон-Стоп со мултивитаминска рок инфузија против турбофолкот

by fokus

Ако за традиционалните панаѓури кои се одржуваат во повеќе општини е распространето мислењето дека се манифестации на кои главниот акцент е ставен на турбо фолкот, скарата, пивото и виното, и генерално преовладува кич и невкус, синоќа рок музичарот Бени Шаќири и неговиот бенд Нон-Стоп во Неготино го докажаа спротивното.

За тоа дека се менува јавната свест, и како на манифестации од овој тип народот е желен за добар рок, сведочеше преполната стара чаршија во Неготино, каде посетителите се забавуваа со звуците на Бени и Нон-Стоп, кој уште еднаш потврди дека е рок бренд во Македонија. Нивниот настап беше дел од ,,Неготинска музичка вечер” која се одржа во склоп на Неготинскиот панаѓур, најголемиот стопанско – туристички настан во градот.

Се работи за шест дневна програма, која започна на 18 – ти, а ќе трае до 23-ти септември, на која се очекуваат десетици илјади посетители од сите краеви на земјава. Расположените рокери понудија богат репертоар на сцената на старата чаршија во градот. Следуваа нивните авторски хитови, но и хитови од Влатко Стефановски и Леб и сол, Мики Јовановски – Џафер, Бајага, Бјело дугме, па се до легендарниот ,,Квин”.

Во време кога главни музички ѕвезди на речиси сите општински манифестации ни се турбо фолк ѕвездите од соседството, Бени одржа одлична рок лекција и уште еднаш покажа дека за добра музика и ,,мултивитаминска рок инфузија” секогаш има многубројна публика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости