Од денес, по три месеци, повторно се со работен ангажман хонорарно ангажираните лица во МКЦ Скопје, чии договори беа прекинати на први март.
Според законските прописи, односно според правилникот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) договорите на околу триесет лица им беа прекинати до завршување на изборниот процес, па изминатите три месеци не функционираа Детскиот креативен центар (ДКЦ), Планетариумот и бифето.
Тогаш на социјалните мрежи започна линч против директорот Арбен Бени Шаќири, дека наводно, своеволно ги оставил без работа и примања хонорарците.
Во телефонски разговор за „Фокус“, директорот на Младинскиот културен Центар, Шаќири, денес потврди дека се е вратено во нормала и се продолжува со нормално функционирање, како што и најави уште во март, кога се најде на мета на критики, навреди и јавен линч, дека наводно самоволно ги прекинал договорите на хонорарците.
-Голем број на хонорарно ангажираните лица се вратија на работа, но има и такви кои во меѓувреме се снашле и се вработиле на друго место. Институцијата функционира како што треба, а причините за линчот кон мене, само поради тоа што се придржував до законските обврски, треба да се бараат на друго место, а не во несовесно работење или пак во моја наводна самоволна еднострана одлука за прекинување на договори.
Никогаш немаше такво нешто, се работеше до придржување кон законските обврски кои произлегуваат од известувањето на ДКСК и изборниот законик според член 8-а, упатено до сите институции, ни изјави Шеќири.
Тој порача дека МКЦ е институција која е отворена за сите, и во која се работи според закон.
Вики Клинчарова