Судот во Белорусија денеска осуди двајца опозициски активисти кои избегаа од земјата на долгорочни затворски казни, што се првите пресуди против белоруски дисиденти кои се донесени во нивно отсуство.
Опозиционерите Алијаксандра Херасименија и Александар Опејкин беа осудени на по 12 години затвор со одлука на судот во Минск, врз основа на обвинението со кое се товарат за повикување на воведување санкции против Белорусија и нанесување штета на националната безбедност на земјата.
Судењето се одржа зад затворени врати и без присуство на обвинетите, врз основа на новиот закон потпишан во јули од претседателот Александар Лукашенко, кој дозволува судење во отсуство на оние кои ја напуштиле земјата.
Херасименија, поранешна пливачка и трикратна освојувачка на олимписки медал, заедно со Опејкин ја основа фондацијата за белоруска спортска солидарност, која обедини стотици белоруски спортисти кои се противат на „авторитарното владеење на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко”.
Покрај затворската казна, изречена и е и конфискација на станот, автомобилот и на 48.000 долари од нејзините банкарски сметки.
Во Белорусија имаше огромни протести по спорните избори во август 2022 година, на кои Лукашенко беше реизбран за претседател на земјата, за кои опозицијата и западните земји сметаа дека се наместени.
Властите на протестите одговорија со сила, апсејќи повеќе од 35.000 луѓе. Тогаш Западот воведе санкции кон Белорусија.
Според Вјасна, најпознатата белоруска организација за човекови права, 1.439 политички затвореници во моментов се зад решетки во Белорусија