Македонскиот трибјут бенд „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, го промовираа видео записот за нивната прва песна „Сувенир из Сарајева“.
Музиката за песната е на хит мејкерот Саша Драгиќ, текстот го напишал Владимир Митровиќ, а аранжманот го направил Стевче Грозданов.
Песната е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направил Горан Гешовски.
-На песната совршено се надоврзува едноставното, но мошне функционално видео во кое покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, како фотографката на групата во видеото, кое го потпишува AleXanDeR, псевдоним зад кој се крие името на познатиот македонски музичар и режисер на видео спотови, Александар Ристовски Принц, велат од тимот на бендот.
Додаваат дека песната не случајно е избрано да го носи тој наслов, како што не е случаен ниту изборот да биде отпеана на јазик кој го разбираа поширокиот екс ЈУ регион, зашто „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“ имаат цел токму него да го освојуваат.
-Првите настапи надвор од Македонија на разни моторџиски собири и други рок ивенти се веќе тука, како и оној неодамна во Сараево, во ноќниот клуб „Слога“ , култното место каде што и самите „Бијело дугме“ го имале својот прв настап.
Што се однесува до самата песна, музички целата оддава амбиент на прочуената сараевска школа од средината на 70-ите до крајот на 80-ите, кога на прочуениот сараевски рокен ен рол мирисаше целата екс Ју сцена, па и целиот Балкан. Токму со таков сензибилитет, со таа нота на вдахновеност и шмек кој потсетува на тие убави времиња дише и првата песна на „Бело Копче“. Да е некое друго време, слободно би можела да биде нова песна на некои од споменатите бендови, вклучувајќи го и самото „Дугме“, кажа модераторот на промоцијата.
Освен што ја вметнал целата експресија која ја поседувал од влијанијата на големите пејачи како Бебек, Тифа или Ален, вокалистот Цеки кажа дека најмногу се потрудил да и вдахне и свој дух и сопствена емоција, што на песната и дава дополнителна свежина која ја прави блиска и за новите деца.
Вики Клинчарова
Фото: Ј.Гроздановска/В.Тануровски