Десетици бели балони и едно црвено срце денес летаа на небото над белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, кога и официјално е последниот ден од учебната година.
Пуштањето на балони го организираа учениците заедно со родителите и наставниците од тоа училиште, а на најголемиот балон, црвен и во форма на срце, на едната страна пишуваше: „За нашите девет ангели од нивните другари“, а на другата страна и „За нашиот Драган од неговите деца“.
Владата на Србија претходно донесе одлука учебната година во основното училиште „Владислав Рибникар“ да заврши денес на 6 јуни, а делот од зградата во кој се случи злосторството во кое беа убиени девет ученици и еден чувар, а уште шест ученици и еден наставник беа ранети, ќе стане меморијален центар. Веднаш по завршувањето на учебната година ќе почне реконструкцијата на објектот.
Осмоодделенците ширум градот денес го одбележаа последниот ден од учебната година облечени во бели маички со потписите на своите другарчиња, како што тоа вообичаено го прават младите матуранти од сите основни училишта.
Денеска на целата територија на Србија завршува учебната година, две недели порано од планираното, одлучи минатата недела Владата на Србија.
Со истата одлука на Владата беше наложено до денес да се завршат сите оценки, а учениците кои ќе го сакаат тоа ќе можат да ги поправат до 20 јуни. До истиот датум, училиштата кои сакаат да го сторат тоа можат да спроведуваат и воннаставни активности.
Мислењата за учениците кои порано завршуваат училиште се поделени, родителите се збунети, а наставниците се изненадени. Министерството за образование нема одговори зошто учебната година завршува порано.