Лекар кој е осомничен дека несовесно постапил при операција на белграѓанин (38), па пациентот четири дена подоцна починал, бил сослушан во Вишото обвинителство во Белград.
Тој вчера три часа ја изнесувал својата одбрана. Меѓудругото, тој рекол дека не разбира што се случило, бидејќи се е направено според процедурите.
Во Вишото обвинителство денеска исказ дал и таткото на починатиот, а обвинителството ја продолжува натамошната истрага за овој случај.
Уапсениот лекар е осомничен за тешко кривично дело против здравјето на луѓето за кое е предвидена затворска казна од две до 12 години.
Се сомнева дека лекарот извршил оперативно лекување на хемороидни јазли кај оштетениот под општа анестезија, со несоодветна употреба на ласер, поради што оштетениот претрпел силни болки и бил во лоша општа здравствена состојба по извршената процедура. И покрај тоа тој околу 18 часот е пуштен на домашно лекување.
– Во текот на ноќта и наредниот ден, здравствената состојба на оштетениот се влошила со висока температура, стомачни проблеми и силни болки, за што пријавениот бил известен од оштетениот и членовите на неговото семејство, но не извршил итен преглед, иако било укажано да се стори тоа поради состојбата на оштетениот, а со цел да се утврдат причините за настанување на присутните поплаки кои значително се разликуваат од очекуваните наоди за постоперативниот тек и да се преземат итни медицински мерки за грижата на оштетениот – се наведува во соопштението на Обвинителството.