По два дена пешачење, белградските студенти вечерва пристигнаа во Нови Сад, каде на улиците беа пречекани од илјадници граѓани со аплаузи и овации, пренесува Радио Слободна Европа.
Студентите беа пречекани со црвен килим на мостот „Дуга“ од нивните колеги од Нови Сад, со кои си разменија знамиња на двата града и знамињата на универзитетите во Белград и Нови Сад.
Оттаму тие заедно пешачеа низ централните градски улици до Железничката станица, кадешто со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во уривањето на настрешницата.
Студентите од Белград тргнаа пеш кон Нови Сад за да им се придружат на своите колеги во блокирањето на три моста на реката Дунав на 1 февруари.
На овој начин, ќе одбележат три месеци од загинувањето на 15 лица при уривањето на реконструираната бетонска настрешница на Железничката станица во Нови Сад што се случи на 1 ноември.
Со аплаузи, огномети и конфети, прегратки и солзи, граѓаните фрлаа цвеќиња пред учениците и им закачуваа медали на врат.
Тие ги пречекаа со транспарент „Па каде сте белграѓани“, а ги носеа и пораките „Не сте сами“, „Студенти, добредојдовте“ и „Вие сте љубов, вера и надеж“.
На чело на колоната студентите носеа транспарент на кој пишуваше „Некои нови деца, Белград-Нови Сад“ со срце меѓу имињата на двата града и знамето на Универзитетот.
Студентските редари од Белград носеа венци со имињата на петнаесеттмина загинати во уривањето на настрешницата што ги положија пред Железничката станица.
Откако им оддадоа почит на жртвите, белградските студенти се упатија кон новосадските факултети каде што ќе преноќат.
Студентите од Нови Сад им подготвија храна и места за спиење на колегите од Белград во салите на факулетот кое се во блокада.