Од утре белградската Арена ќе биде спремна за прием на пациенти со ковид-19. Поради растот на бројот на новозаразени, српските власти решија повторно овој објект да го претворат во привремена ковид-болница.
Капацитетите овој пат се проширени за 150 легла и вкупно во Арената ќе можат да бидат хоспитализирани 510 пациенти, а персоналот кој ќе работи таму ќе биде составен од 30 лекари и 30 медицински сестри.
Официјалните податоци кое ги објави Министерството за здравство денеска покажува дека во последните 24 часа во Србија се регистрирани 214 нови случаи од 3 325 тестови. Во истиот период регистрирани се и два смртни случаи со кои вкупниот број се искачи на 776.
Црна Гора, пак, одлучи од утре да ги затвори училиштата во пет општини и тие да преминат на онлајн настава. Будва, Улцињ, Цетиње, Колашин и Жабљак се местата каде ситуацијата се влошила откако е регистрирано дека имаат над 800 заразени на 100 000 жители.
Покрај затворањето на школите, во овие пет општини се затвораат и рестораните и баровите и се забрануваат собири во домовите.
Во Црна Гора во последните 24 часа се регистрирани 86 нови случаи од 463 направени тестови, како и пет смртни случаи. Во црногорските статистики денеска се забележани уште 102 новозаразени чиј примероци за тестирање биле земени во текот на неделата и биле пратени на испитување во Германија.
Во Косово, пак, во изминатите 24 часа се потврдени 137 новозаразени и една жртва.
Премиерот Авдулах Хоти денеска ги предупреди граѓаните за можно затворање на земјата поради епидемијата и за да не дојде до тоа ги повика на максимално внимание и солидарност.
Во Албанија денеска има 281 нов случај од 1 276 тестови. Регистрирани се и три смртни случаи. Паралелно, според медиумските извештаи, се зголемува и бројот на оние пациенти кои имаат потреба од хоспитализација. Веќе се спремни четири дополнителни болници, а властите најавуваат дека ќе подготват и неколку регионални болници.