Белгискиот министер за правда Винсент ван Квикенборн вчера изјави дека одлучил да се повлече по притисокот поради начинот на кој Белгија постапува со тунискиот напаѓач кој се заколна на верност на Исламската држава и уби две лица во Брисел оваа недела.
Ван Квикенборн рече дека истрагата за 45-годишниот Тунижанец, кој уби двајца шведски фудбалски навивачи во Брисел во понеделникот вечерта, откри дека белгиските правосудни власти го игнорирале барањето на Тунис да го екстрадира од Белгија во август 2022 година.
– Тоа е непростлива грешка која имаше драматични последици. Сакам да преземам целосна политичка одговорност за ова – изјави Ван Квикенборн пред новинарите, додавајќи дека ќе поднесе оставка.
Во видеото на социјалните мрежи, вооружениот напаѓач Абдесалем Ал Гуилани ја презеде одговорноста за нападот.
Тој неуспешно поднел барање за азил во Белгија во 2019 година и живеел илегално во таа земја. Тој и бил познат на белгиската полиција во врска со помагањето за криумчарење луѓе во Британија, изјави оваа недела Ван Квикенборн.
Вооружен маж ги нападнал Швеѓаните кои биле во Брисел за да присуствуваат на натпреварот помеѓу Белгија и Шведска во квалификациите за Европското првенство.