Белчева ќе собира потписи за независен кандидат за Центар

by Fokus

Јана Белчева Андреевска, која околу 2, 5 години претседаваше со Советот на Центар, пред да си даде оставка, на овие избори ќе се обиде да обезбеди нов советнички мандат како носителка на независна листа на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

На минатите локални избори во 2017 година, Белчева, како граѓанска активистка, беше носителка на советничката листа на СДСМ во Центар, по што беше избрана и за претседавач на Советот на општината, за во мај минатата година да поднесе оставка, главно, поради несогласувања со градоначалникот Саша Богдановиќ, Белчева, како потенцијална носителка на листа на „Шанса за Центар“, заедно со професорката Дивна Пенчиќ од Архитектонтскиот факултет и Јане Димески, како потенцијални кандидати за советници, утре ќе ја претстават граѓанската иницијатива, за која велат дека произлезе од поврзување на „Здравје пред профит“ со активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, култура и други области, кои сакаат да го спречат натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општината.

-Главна цел на „Шанса за Центар“ ќе биде општината да се развие по мерка на граѓаните, каде што политиките ќе се носат отворено и ќе бидат базирани на анализи и податоци. Квалитетот на живот на граѓаните ќе биде појдовен принцип на дејствување на избраните советници. Најважните заложби на „Шанса за Центар“ се потребите на граѓаните! Нивното право на чист воздух! Нивното право на безбедно и достоинствено урбано живеење. Учество во работата на општината, велат од иницијативата.

Собирањето граѓански потписи за поддршка на независни кандидатури за градоначалници и за советници почнува од понеделник и ќе трае до крајот на овој месец. Според важечките правила во Изборен законик, во зависност од бројот на жители на одредена општина, треба да се соберат од 100 до 450 потписи.

За Центар, како општина со над 45 илјади жители, ќе треба да се соберат 250 потписи, за да бидат избрани 23 советници.

 

Поврзани новости