Белчева бара повлекување на ДУП „Мал Ринг“: Во него се сите споменици од „Скопје 2014“

by Фокус

Советничката во Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, кој до неодамна беше претседателка на општинскиот совет, побара од градоначалникот Саша Богдановиќ да се повлече Деталниот урбанистичкиот план Мал ринг и јавната анкета да се одложи за после септември.

-Овој ДУП е особено значаен за градот бидејќи со него се дефинира срцето и самиот центар на нашиот град, бара посебно внимание и суптилно решавање, и мора да покаже дека е производ на заедничка стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, среде лето, но и во политички сензитивен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар во време на озаконување на „Скопје 2014“. А, „Скопје 2014“ како најпогубен, но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за Мал ринг – рече Белчева.

Таа посочува дека во предложениот план се наоѓаат објекти и земјишта кои се законски спорни (нелегално продадени), а беа предмет на процеси и обвиненија на СЈО, како и на истражувачки лаборатории и студии и ги набројува Шпански скали, меморијалниот објект Мајка Тереза, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од Скопје 2014, објектите во коритото на Вардар…

-Која е причината да се брза со план за кој има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг на две нивоа под плоштадот, зад АРМ, зад Министерство за правда, зад „Палома Бјанка“…, со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во Центарот – праша Белчева.

Исто така, и граѓанската „Иницијатива О2“ дава поддршка и се приклучува кон барањето да се повлече ДУП Мал ринг и да се врати на доработка и разгледување.

„Се повторува праксата клучни Детални Урбанистички планови како ДУП Мал Ринг да се протнуваат во летен период, во услови на пандемија која секојдневно зема жртви. Кога фокусот е сосема на друга страна најлесно си функционира бизнис коалицијата без разлика кој е на власт и кој од која партија е, соработка си има кога е личен интерес во прашање, јавниот е само за пред избори“, стои во нивната реакција.

Поврзани новости