Белата куќа: Прекинот на огнот во Газа може да започне во недела

by Fokus

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби денеска изрази уверување дека договорот за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас ќе почне да се применува во недела и дека прашањата во последен момент ќе бидат решени.

Кирби го изјави ова затоа што Израел се уште официјално не објавил дека е постигнат договор, инсистирајќи на тоа дека има преостанати детали кои треба да се финализираат и дека палестинската екстремистичка организација Хамас поставува пречки во преговорите.

„Свесни сме за прашањата кои премиерот ги постави денеска и работиме на нив. Нашиот тим на теренот всушност работи со него и неговиот тим за да го средиме сето тоа и да го изедначиме и да продолжиме напред“, изјави Кирби за NBC.

Кабинетот на Нетанјаху утринава излезе со соопштение во кое го обвини Хамас дека се откажува од некои договори и создава криза во финализирањето на договорот.

Портпаролот на израелската влада Дејвид Менцер изјави дека израелската делегација се уште е во Доха, главниот град на Катар, но не кажа кои ветувања се откажале од Хамас.

„Очигледно, тоа треба да биде одобрено од израелската влада и премиерот Нетанјаху го знае тоа. Тој работи на тоа и ние сме уверени дека ќе можеме да ги решиме тие прашања што се појавија во последен момент и да продолжиме напред и прекинот на огнот да стапи на сила од недела“, рече Кирби, пренесоа израелските медиуми.

На прашањето дали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп влијаел на договорот, Кирби одговори дека изолацијата и слабеењето на Хамас е главниот одлучувачки фактор, но дека поддршката на Трамп „секако помогна, тоа не се доведува во прашање“.

Договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците синоќа го потврди и американскиот претседател Џозеф Бајден.

Поврзани новости