Белата куќа денеска соопшти дека американскиот претседател Џозеф Бајден ќе го отслужи својот мандат до крајот, и покрај повиците на некои републиканци во Конгресот тој да се повлече.
Во соопштението се вели дека Бајден рекол дека „со нетрпение очекува да го заврши својот мандат“ на прашањето за републиканците во Конгресот кои го повикуваат да се повлече од функцијата претседател.
Портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс изјави за Си-Ен-Ен дека за време на неговиот мандат, Бајден успеал да ја претвори американската економија, која беше во пад, во најбрзо растечка економија во светот, и дека за време на неговиот мандат стапката на насилен криминал била најниска во скоро 50 години.
Бејтс изјави дека Бајден го направил НАТО поголем од кога било.
„И тој ќе продолжи да се бори за заштита на слободите на Американците од радикални забрани за абортуси и напади врз владеењето на правото“, рече Бејтс.
Неколку републиканци во Конгресот денеска го повикаа Бајден да поднесе оставка, меѓу кои и претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон и претседателот на републиканската кампања во Претставничкиот дом, Ричард Хадсон.
Бајден претходно денеска се повлече од кампањата за реизбор на претседателските избори на 5 ноември. Во писмото објавено на Х, Бајден рече дека верува оти е во најдобар интерес на неговата партија и земја да се повлече и да се фокусира исклучиво на исполнување на неговите должности како претседател до крајот на неговиот мандат.
Бајден, исто така, рече дека ја поддржува американската потпретседател Камала Харис како демократски кандидат на претседателските избори за да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.