Акциската продажба на одредени прехранбени производи и кампањите кои супермаркетите ги воведуваат до 30 ноември ќе бидат забранети, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Оваа одлука, како што рече, се носи поради тоа што е забележано дека одредени синџири на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба и намалување или, пак, одредени кампањи.
-Министерството за економија денеска достави до Владата предлог-одлука со која ќе се забрани да се нуди акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите синџири на трговци во нашата држава до 30 ноември. Можеби ова изгледа чудна одлука имајќи предвид дека ќе им скратиме на граѓаните одредено намалување на цените, но не е така. Ќе се знае точната цена на одреден производ колку ќе биде, а не да се калкулира на дневно или на неделно ниво со тие цени и да се доведуваат во заблуда потрошувачите, изјави Бектеши, по денешната средба во Државниот пазарен инспекторат.
Оваа одлука Бектеши ја правда и со најава дека ќе проследи до Владата и одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија, а која ќе треба да се донесе на првата наредна седница, односно во вторник, а да стапи во сила откако ќе биде објавена во Службен весник, односно во среда или четврток.
-Замрзнувањето на цените ќе следува за да се знае точно, концизно и во детали колку се и колку ќе биде намалувањето за да не им се дава можност на трговците да злоупотребуваат и да се правдаат дека тие биле на акција или имало одредена кампања, изјави Бектеши.
Бектеши очекува дека од понеделник, пред да се донесе мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи, да има најмалку десет отсто линеарно намалување на сите прехранбени производи, а ова, како што нагласи, ќе го пренесе и на утрешната средба со седум или осум синџири на супермаркети како став на Министерството за економија.
-Мерките што ќе се воведат ќе важат до 30 ноември, а има можност и за продолжување со измени и дополнувања на Законот за Државен пазарен инспекторат и нов закон за нефер трговски практики, изјави Бектеши.
Тој ја отфрли можноста трговците да ги зголемат цените пред да стапи во сила одлуката за нивно замрзнување, со образложение дека одлуката за забрана на акциска продажба и кампањи ќе се носи пред тоа, а замрзнувањето на цените ќе биде со претходен датум кој трговците нема да го знаат.
-Сите завршни сметки, особено на големите синџири на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, напротив има нивно зголемување претходната година која во делот на цените беше најтешка година имајќи ја предвид војната и случувањата со енергетската криза, изјави Бектеши.