Бектеши во посета на Анкара: Ќе се ревидира и надградува Договорот за слободна трговија со Турција

by Fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши, во рамки на официјалната посета на Турција, имаше средба со претставници на Унијата на комори и стоковни берзи на Турција (ТООБ), како и со претавници на Асоцијацијата на градежници на Турција и со одделни стопанственици.

На средбата со Али Копуз, потпретседател на ТООБ, Бектеши, како што соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека Северна Македонија и Турција имаат долгогодишни цврсти односи и пријателски чуства. И покрај тоа што билатералната трговијата меѓу двете земји во континуитет расте, има голем простор трговскиот обем да порасне уште повеќе.

Бектеши информирал дека со цел да се подобри трговската соработка веќе е почната постапка за ревидирање и надградување на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, соопшти Министерството за економија.

-Сакаме да упатиме порака до стопанствениците дека како пријателска земја, како Влада ќе направиме се за да ги подобриме условите за зголемување на соработката, како и за влез на нови турски инвестиции во земјата. Сакаме да направиме нов договор кој ќе значи дополнително зголемување нашите билатерални односи, изјавил Бектеши.

На средбата Митхат Јенугун, претседател на Асоцијацијата на градежници на Турција, Бектеши ги презентирал сите поголеми инфраструктурни проекти кои се предвидени да се реализираат во Северна Македонија во наредниот период и ги повикал градежните компании од Турција да аплицираат на тендерите кои ќе бидат објавени.

Турските градежни компании традиционално се едни од најприсутните на македонскиот пазар.

-Северна Македонија е мала земја, но има голем потенцијал. Во наредниот период ќе бидеме насочени кон изградба на неколку инфраструктурни проекти како што е патничкиот и железничкиот дел од Коридорот 8. Работиме забрзано на изградба на гасоводниот систем во државата за што две турски компании се во трка за изградба на дистрибутивната мрежа. Сакаме да поттикнеме уште поголема соработка со турските компании, истакна Бектеши.

Поврзани новости