ВМРО-ДПМНЕ, со наредби кон уставните судии да го укинат „балансерот“, создава услови за враќање во 2001 година, вели поранешниот министер за економија и висок функционер во ДУИ, Крешник Бектеши.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали е претерана реториката во писмата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги испрати до повеќемина странски претставници, во кои, меѓу другото, констатира дека она што се случува по изборите на меѓуетнички план, нè враќа „на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“, Бектеши одговарадекa тоа е одговор на реториката на Христијан Мицкоски.
„Не би рекол дека е претерана имајќи го предвид тоа што ДУИ го има кажано од периодот кога е формирана оваа влада сè до денес и одлуките кои се носат во државата. Незамисливо е за членка на НАТО, премиер да најавува кои одредби би ги укинал Уставен суд, кој треба целосно да биде независна институција. А воедно и да се имплементираат и реализираат во пракса програми на политички партии, како што беше укинувањето на „балансерот“, иако тоа и не е толку голем проблем зашто е само механизам за следење на правичната застапеност. Уставниот суд отиде и чекор напред. Тој ја укина можноста на граѓаните на Република Северна Македонија да се изјаснат на која етничка припадност и припаѓаат“, вели Бектеши.