Македонскиот министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференцијата потенцираше дека имале дебата со неговите колеги – министрите, и рече дека никогаш не е ставен никој во заблуда за време на владините седници кога се зборувало за концесијата на „Иловица“.
„Очекувам и другите колеги да потврдат дека Министерството за економија не излажало, ниту измамило некого, ниту ставило некого во заблуда. Ние сме доставиле хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 година до денеска во предлог-одлуката за спојување и образложение, тоа е доставено до Владата и не се менувало, ниту информацијата, ниту образложението. Ова е политичка Влада и се носат и политички одлуки“, рече министерот Бектеши.
Тој посочи дека јавноста е во заблуда, затоа што не станува збор за една, туку за две концесии. Министерот Бектеши изјави дека Владата ја поништила одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на бакар и злато за рудникот „Иловица-Штука“.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. А Министерството за економија инсистира да се носи некаква одлука, а која е подобрата за интерес на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, изјави Бектеши.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени – едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во Струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука.