Прогласувањето на енергетска кризна состојба не значи дека ќе има рестрикции на струја, такви мерки не се предвидени, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Согласно сите податоци кои ги имаме во моментов, истакна тој, нема проблем со снабдување на електрична енергија, туку, како што рече, кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја.
-Кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да можеме како Влада директно да вбризгаме средства од буџетот за ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност. За таа цел ги направивме и измените во Уредбата за прогласување на кризна состојба за да може да се префрлат средства за енергетските компании. Од Министерството за финансии се обезбедени околу 100 милиони евра за да може директно да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија – рече Бектеши на Сител.
Тој потенцираше дека во моментов се работи на ставање во функција на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија за да нема ценовни шокови, односно да нема покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.