До 2017 година во Северна Македонија имаше инсталирана моќност од фотонапонски централи од не повеќе од 19 мегавати, само со една инвестиција во рок не поголем од 2 ипол години имаме 17 мегавати дополнителен инсталиран капацитет, што значи дека само со една инвестиција имаме направено колку што е инвестирано 30 години во држава која е држава на сонцето.
Ова го кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешното официјално пуштање во употреба на фотонапонската централа во светиниколско Амзабегово, што е инвестиција на Групацијата ГЕНИ.
Според Бектеши, во моментов во мрежата само од фотонапонски централи се приклучени 65,7 мегавати, а во постапка до крајот на годината треба да се приклучат дополнителни 12 мегавати.
-Од првиот Јавен повик на Министерството за економија каде што државата доби дополнителни средства за изградба на фотоволтаици, наместо да плаќа пресметано во сметките на граѓаните и компаниите од 7% за обновливи извори за фидинг тарифи, сега е спротивно државата доби над 2,5 милиони евра, а компаниите покажуваат интерес да и платат на државата за да изградат ваква инвестиција.
Од Јавните повици кои што ги објави Министерството за економија за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште со премиум тарифи ќе имаме инсталирана моќност од соларни централи од 150 мегавати инсталирана можност, а со инвестициите кои што се реализираат од страна на ЕСМ во Осломеј во државата ќе имаме инсталирана можност од над 220 мегавати од соларни панели – рече Бектеши.