Министерот за економија Крешник Бектеши реши да се пошегува околу набавката на гас за производство на топлинска енергија за потребите на Скопјани, откако директорот на комбинираната електрана ТЕ-ТО, од која Владата очекува да обезбеди 70 отсто од топлинската енергија, изјави дека компанијата не е сигурна дали ќе може да го исполни барањето во целост, бидејќи не се знае дали ќе има гас и каква ќе биде неговата цена.
-Имаме една понуда за гас, да закупиме капацитети во Унгарија и Австрија. Тие што ја даваат оваа препорака и оваа понуда, утре, тука сме ние, и во викенд можеме да работиме. Значи веднаш ќе закупиме, само да ни кажат како ќе ја донесат во Македонија. Ако природниот гас со авион може да се носи во Македонија, тогаш ние сме подготвени и тоа ќе биде голема иновативност што ќе му го продадеме на целиот свет – вели Бектеши.
Владата вчера прогласи енергетска кризна состојба и кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија и на тендер бара нова компанија да ги снабдува Скопјани со парно греење. Се поизвесно е дека тоа ќе бидат државните електрани кои веќе формираа три фирми за производство, дистриубуција и снабдување.