Министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека поранешни министри од ВМРО-ДПМНЕ се сведоци во судски постапки на страна на странски компании кои ја тужат државата што тие ја претставувале. Тој ова го кажа како одговор на обвинувањата од претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека секој министер ба ДУИ има компании на кои им ги даваат тендерите.
„Јас нема да ви кажувам имиња поради тоа што имаме процеси што се во тек. Но, би ги прашал Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како може нивни претходни министри денеска да бидат сведоци на странски компаниии во судски постапки против државата што ја претставувале. Нема да помине многу, ќе им ги кажеме имињата, само да зваршат судските процеси. Ако зборуваме за компании, министер од ВМРО-ДПМНЕ денеска е сведок против својата држава, а ја имал честа да биде министер на таа држава. И е сведок поради тоа што, кога му завршила функцијата министер, веднаш добил акции и се вработил во менаџментот на таа компанија, каде што денеска сме во судски спор. За тоа да одгоори Мицкоски. Да не шири лажни вести. А особено би му препорачал да не се занимава со луѓе што денеска не живеат меѓу нас“, изјави Бектеши.