Мерката „гарантирана цена“ најверојатно ќе продолжи во маркетите низ земјата најмалку уште еден месец, односно и во текот на јануари. Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи ќе се применуваат додека не биде изгласан од страна на Собранието Законот за нефер трговски практики кој минатата недела, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата, најави министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Одлуката за “гарантирана цена“ е предвидено да заврши на 31 јануари, односно до крајот на годината, за што министерот Бектеши најави дека на следната седница на Владата, согласно анализите ќе предложи истата да се продолжи најмалку уште еден месец.
“Денеска со секторот за трговија ќе го имаме финалниот состанок и согласно податоците кои ги видовме, ќе продолжи мерката најмалку за еден месец, бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за гарантирана цена и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари, кажа министерот Бектеши и додаде дека конечната одлука за загарантираните цени ја носи Владата по предлог на Министерството за економија.
Според Бектеши, овој нов закон, кој ги регулира односите помеѓу произведувачите, дистрибутиерите и продавачите и со тоа ќе се намалат цените, така што нема да има потреба понатаму да трае мерката со замрзнати цени.
Министерот Бектеши кажа дека освен мерките од деветтиот пакет мерки, Министерството за економија дизајнираше нови мерки кои граѓаните и компаниите ќе ги почуствуваат од почетокот на следната година. Тоа се мерки кои Министерството за економија ги реализира изминатите неколку години во делот на обновливи извори на енергија, поддршка на најранливите категории и поддршка на претприемачите, но сега конкретно таргентирани за оние на кои им се најпотрбни.
“Со мерките на Министерството за економија исто така е предвидено да се субвенционираат уреди за греење и ладење, одредени граѓани ќе добијат и до 350-400 евра,станува збор за над 10.000 граѓани, ќе ги субвенционираме студентите со ваучери до 350 евра за туризам, ќе ги покриеме одредени трошоци за малите и микро претпријатија клучни за нивното тековно работење за да можат да влезат во идни инвестиции. Овие мерки ќе започнат да се реализираат од средината на јануари и за нив се предвидени над осум милиони евра“ појасни министерот Бектеши.
Во однос на очекувањата за во наредниот период и новите предизвици на економски план, министерот Бектеши порача граѓаните да бидат спокојни, мерките кои досега беа донесени и кои се предвидени дополнително ќе го заштитат стандардот на најранливите категории.