Одлуката на бугарскиот Парламент да ги замрзне цените на парното и на струјата значи дека Република Бугарија како членка на ЕУ преминала од либерализиран на регулиран пазар, а ние сме веќе на регулиран пазар, што значи и замрзнување на цената вели министерот за економија Крешник Бектеши.
-Треба да бидеме многу внимателни на начинот како ги објавуваме вестите. Треба да имаме предвид дека Република Бугарија е членка на ЕУ и пазарот со електрична енергија е либерализиран, не е како во Северна Македонија и во одредени земји кои не се членки на ЕУ како што е Република Србија, Република Косово, вели тој.
Според него замрзнувањето на цената на електрична енергија значи регулирање на пазарот со електрична енергија од страна на Република Бугарија, а тоа веќе се прави во нашата држава.
-Го направивме оваа година, ќе го направиме и наредната година, имајќи предвид дека иако ни е обврска да покриваме 60 отсто од потребите на Универзалниот снабдувач, ние покриваме 100 отсто со регулирана цена, што значи замрзнување на цената, бидејќи не може да се продаде електрична енергија од страна на Универзалниот снабдувач со цена поголема од тоа што ние ќе ја одредиме преку Регулаторната комисија за енергетика кон крајот на оваа година, појасни Бектеши во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по завршната конференција „15 години ја олеснуваме трговијата“ по повод едногодишното претседавање на С Македонија со ЦЕФТА.
Прашан за берзанските цени и дали се предвидува помош за да не сепокачи многу цената на струјата, министерот Бектеши појасни дека Владата веќе го сторила тоа со обезбедените 65 милиони евра за ЕСМ и МЕПСО, а наредната недела, како што кажа, планира да одвои уште околу 15 милиони евра за ЕСМ.
-Ние јавно кажавме дека им помогнавме и на ЕСМ и на МЕПСО со 65 милиони евра за да се зголеми ликвидноста во ЕСМ, а секако и да се наплатат и повлекувањата на електрична енергија од европската мрежа од страна на МЕПСО што се направени во минатото. Следната недела дополнителни приближно 15 милиони евра ќе се вбризгаат во ЕСМ со цел да има ликвидност и во делот за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. При крај се пробите за целосно да се стави во функција ТЕЦ Неготино, каде ќе има дополнителен капацитет од 190 мегавати на час, рече Бектеши.
Со овие капацитети со кои моментално работиме, додаде, целосно ги покриваме потребите на Универзалниот снабдувач.
– Хидрологијата е подобрена во овој период во нашата земја и ако не се случи некаква хаварија, испад на блок во РЕК Битола или, пак, во ТЕЦ Осломеј, и доколку со целосен капацитет работи ТЕЦ Неготино ќе има и вишок на производство на електрична енергија што ќе можеме да ја понудиме на слободниот пазар, во овој случај на големите потрошувачи, истакна министерот за економија Бектеши.