Дополнителните антикризни мерки може да се очекуваат од ноември, а до крајот на овој месец би требало да бидат и дефинирани.
Ова денеска го порача министерот за економија Крешник Бектеши одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Глобус“ во скопски Хром.
Тој рече дека е запознаен со некои од предлозите, но кои мерки ќе се донесат, ќе биде договорено во рамки на разговорите, заедно со стопанските комори и со сите останати засегнати страни.
Бектеши изрази благодарност, посебно до домашните производители, „кои доброволно, во одредени моменти, ги намалуваат цените“.
– Во однос на новите, дополнителни мерки, драфтовите се веќе речиси при крај. Разговараме заедно со стопанските комори и со сите други засегнати страни и најверојатно до крајот на месецот јавноста ќе биде известена во делот на тоа како би изгледале сите антикризни мерки до крајот на оваа година. Јас секогаш се обидувам да бидам многу внимателен, не сакам лично на тие луѓе што се експерти, што работат таму да им влијаам на тоа како мислам дека би требало да изгледаат мерките. Ние како Влада сме воспоставиле принцип на јавно-приватни разговори со сите засегнати страни, со стопанските комори согласно анализите, предлозите, нивните сугестии и потребите, вклучувајќи ги тука и синдикатите. Така се дизајнираат мерките во рамки на буџетските можности. Моја желба би можела да биде да земат што повеќе луѓе, но согласно можностите кои се и предлозите на стопанските комори и синдикатите во таа насока ќе се носат мерките. Јас знам предлози, а за конкретни мерки, за тоа ќе одлучат Владата и министерствата, секако во рамки на нивните сектори – рече Бектеши.