Бектеши најави казни против сите кои што ја злоупотребуваат ситуацијата со енергетската криза

by Fokus

Ја следиме состојбата на терен со цените и на енергенсите и на основните прехранбени производи. Ќе има мерки и казни против оние фирми кои ја злоупотребуваат ситуацијата со енергетската криза, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Најави дека Министерство за економија веќе работи на дизајнирање на мерки за поддршка кои ќе бидат насочени кон најранливите категории на граѓани со ниски приходи што ќе бидат спроведени откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот во Собранието.

Во денешното гостување во Студио 1 на Телевизија 24 министерот Бектеши потенцираше дека земјава и регионот ги очекува тешка зима во делот на енергенсите, но кажа дека се прават сите подготовки од сите институции со цел да се обезбедат што повеќе количини од домашното производство на електрична енергија и да имаме во континуитет и снабдувањето со природен гас.

– Очекуваме во наредниот период да падне цената на пченицата и на сончогледот поради новата жетва, како и за најмалку 20 проценти да се намалат цените на производите поврзани со овие култури. Но, доколку продолжи трендот на намалување на цените на суровините, а при тоа нема намалување на цените во преработката и трговијата, тогаш Владата ќе мора да интервенира. Тогаш согласно Законот за трговија ќе предложиме пред Владата одредени мерки како замрзнување на цените или на маржите со цел да нема злоупотреби на грбот на потрошувачите. Компаниите ова го знаат затоа што ние на дневна основа ги следиме податоците, кажа Бектеши.

Поврзани новости