Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека во салата ги нема опозициските пратеници Владо Мисајловски и Љупчо Димовски кои, како што рече тој, своевремено како министри дале позитивни мислења за концесиите за рудникот Иловица.
„Љупчо Димовски не еднаш, не два три, повеќе од пет пати дал позитивно мислење за рудникот Иловица како министер за земјоделство. Мисајловски дал позитивно мислење кога бил министер за транспопрт и врски. „Изготвил, Одобрил“, има многу такви акти, зошто не ги прашате вашите колеги“, рече Бектеши од говорницата пред опозициските пратеници и додаде дека овие пратеници ги нема на денешната седница.
Веднаш по него се обрати и премиерот Димитар Ковачевски кој дополни дека во 2016, кога на власт бил ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, имало владин записник на кој се дава позитивно мислење за спојување на првата и втората концесија. Позитивно мислење имало дури и од Паско Кузман, тогашниот директор на Управата за заштита на културното наследство
„Јас не велам дали тие тоа тогаш го поддржувале, но се потпишале дека немаат никаква забелешка за доделување и на првата и на втората концесија“, кажа Ковачевски.
Вчера Министерството за економија објави дека се поништува одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица Штука.