Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека руско-украинската криза ќе влијае на енергетската состојба во земјава, особено не во делот на рестрикции иако смета дека е можно да влијае на цената на електричната енергија.
-Во делот на сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија посебно за домаќинствата, но и за стопанството не верувам дека ќе имаме некој си проблем и не очекуваме да има никакви рестрикции. За жал, кризата би можело да влијае во делот на цените на електрична енергија, имајќи во предвид дека само денеска имаше сериозно зголемување на цената на берзите во споредба со претходните денови, а посебно на ХУПЕКС берзата, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Министерот за економија потенцираше дека земјава веќе го намали увозот на електрична енергија за потребите на домаќинствата и универзалниот снабдувач.
-Планот и проекциите и од страна на ЕСМ, но и од другите енергетски компании е дека нема да имаме голема потреба од увоз на електрична енергија во следните месеци, па и затоа не верувам дека би имало големо влијание во конечната цена. Во моментот е обезбеден делот на гасот за потребите на ТЕ-ТО и за потребите на топланите кои произведуваат топлинска енергија. До крајот на овој месец е одредена и цената, потенцира Бектеши.
Посочи дека цената што ја плаќаат граѓаните за сметките е одредена за целата година во делот на топлинската енергија, а во делот на електричната енергија Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) согласно Законот за енергетика треба да донесе дополнителна одлука кон крајот на јуни.