Очекуваме тешка зима и затоа Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија, најави денеска ресорниот министер Крешник Бектеши и порача дека не очекува да има рестрикции доколку се се одвива според планот.
-Планираме да ја ставиме во функција Комисијата согласно Законот за енергетика и во август да прогласиме кризна состојба во делот на електричната енергија. Таа комисија согласно правилникот и одредбите предвидени и во Законот и во уредбата која е усвоена од страна на Владата предвидува различни мерки, вклучувајќи ги и рестрикциите. Но, ако се одвива се согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија, како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава, изјави Бектеши.