Бектеши: Да направиме договор, тој што ќе изгуби на избори, веќе да не се занимава со политика

by Fokus

Претседателот на ДУИ – Али Ахмети е авторизиран да преговара со сите политички партии, невладини организации, интелектуалци, активисти и слично во делот на можно коалицирање за наредните парламентарни избори. И тоа веќе го прави. Во делот на коалицијата со СДСМ во моментов кога зборуваме не сме многу блиску за да има таква коалиција.

Ова денеска го изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

– Сите опции се отворени до крајниот рок кога се доставуваат листите. Веќе знаеме дека во делот на претседателските избори ние имаме наш кандидат кој прави одлична кампања до овој момент, е најподготвениот кандидат од сите можни кандидати, најискусниот кандидат во делот на меѓународната политика, во делот на безбедносната политика. Би ги охрабрил сите други кандидати на политичките партии да излезат на отворени дебати со Османи и граѓаните да оценат согласно тоа што се понудува и согласно тоа што е сработено во надлежностите што ги има претседателот на нашата држава согласно Уставот – рече Бектеши.

Нагласи дека во делот на парламентарните избори ДУИ согласно сите анкети е победник во албанскиот блок.

– Најважно од се’ е дека кога победува ДУИ победуваат граѓаните, а веќе се знае дека ДУИ ги победува наредните парламентарни избори во однос на другите политички партии јас ги охрабрувам да бидат што повеќе на терен и да дадат конкретни понуди за граѓаните – истакна Бектеши.

Прашан дали ќе се повлече Ахмети од политиката доколку ДУИ изгуби на изборите, рече дека тоа е прашање за Ахмети.

– Тоа е прашање за г. Ахмети. Но, ве повикувам да направиме договор меѓу сите политички партии тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата нека повелат сите политички партии вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, па и другите политички партии – нагласи Бектеши.

Поврзани новости