Популарниот естраден магазин „Бекстејџ“ синоќа во Скопје одбележа јубилеј, 15 години постоење.
На роденденската забава на ТВ магазинот, кој со тек на годините стана препознатлив бренд, присуствуваа голем број на јавни личности од сите бранши.
Речиси целата наша поп и фолк естрада, личности од забавниот, културниот и спортскиот живот, кои некогаш се нашле пред камерите на „Бекстејџ“ беа собрани на јубилејот. Миле Кузмановски, Наум Петрески, Елена Велевска, Тамара, Антонија, Нокаут, Перо Антиќ, Дејан Георгиевски, Лила Филиповска, Суперхикс, Бојана, Жаре Бербер, Кире Лазаров, Лозано, ДНК… беа дел од присутните.
Од политичарите, заедно со сопругата и гостите се забавуваше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, а фотографии од забавата веќе се споделуваат на социјалните мрежи.
Се доделија голем број на награди за истакнати јавни личности, а истовремено, „Бекстејџ“ уште еднаш покажа дека е проект кој во огромна мера го збогати етерот во Македонија со своите забавни содржини и со право го носи епитетот на најпопуларна забавна емисија која трае деценија и половина.
Посветеното работење на тимот на магазинот, присуството со камера секогаш и секаде каде има некоја забавна или културна актуелност, интересните содржини кои се нудат за публиката, го изградија „Бекстејџ“ во бренд со кој растат многу генерации, но и кој е јасен показател дека јавноста е желна за забавни и културни содржини, наместо на најзастапените кај нас, политички и тешки теми.
Вики Клинчарова