Беким Сали е оженет и татко на три девојчиња. Стоматолог по професија, има сопствена ординација и бизнис со текстил. Во трката за градоначалник на Чаир влегува како предлог од Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
-Нашата заложба е да усвоиме нов мастер-план за Чаир. Во општина со толку густо население не може да се одлучите што првo ќе смените, бидејќи големиот хаос принудува на радикални мерки и промени. Ние не знаеме како ќе изгледа тоа, но затоа ќе реализираме меѓународен конкурс за мастер-план за Чаир. Откако ќе го имаме најдобриот план, тој ќе биде продискутиран со граѓаните и откако ќе помине на општински референдум, тој ќе биде нашиот патоказ за решавање на проблемите во Чаир – вели тој во разговор за „Фокус“.
ДИВОГРАДБИТЕ, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ НА ЧАИР
Еден од главните проблеми на Чаир се дивоградбите, а тоа треба да се гледа во две насоки, смета Сали.
-Првата е дали ние ќе дозволиме дивоградби, како што тоа го дозволи ДУИ, и за тоа одговорот е сигурно не, а второ – за постојните дивоградби, ние како општина ќе бидеме во располагање на Државниот инспекторат, како и на Јавното обвинителство. Законот мора да важи подеднакво за сите. А кога сме тука, мора да нагласиме дека освен на страна на законот, ние ќе бидеме и на страната на станарите. Нема да дозволиме тие да останат бездомници поради нечија алчност за збогатување на таков начин. Секако, тука спаѓаaт сите дивоградби од времето на Изет Меџити и Висар Ганиу – вели Сали.
Минатите избори Алијанса и Алтернатива ги оспорија изборниот процес во Чаир и поднесоа над 80 претставки, но од таму порачуваат дека овојпат нема да дозволат тоа да се повтори.
-Јавноста веќе знае дека минатите избори беа наместени. Ако имате 1100 неважечки ливчиња, а победата се прогласува со 200 гласа, се е јасно. Затоа ние мора да ги преземеме сите мерки за заштита од ваквите манипулатори и крадци на граѓанската волја. Бидејќи имаме партиски членови на избирачките комисии, како и набљудувачи, мислам дека сме добро заштитени. Но, кога на другата страна имаш неконвенционален ривал, сешто може да се очекува – вели Сали.
Тој објаснува што всушност, според него, се случи на минатите избори.
-Кога тие губат на гласачките кутии, се случува некој хаварија во системот на ДИК и изутрина ќе прогласат победа. Како и да е, ние сме им порачале дека овој пат ништо такво не поминува. Дури и по цена на живот. Волјата на граѓаните мора да се одрази точно, беспрекорно и без притисоци. Ако некој навали над оваа граѓанско право, ќе наиде на голем граѓански отпор, чиј исход не можам да го предвидувам – вели Сали за „Фокус“.
САКААТ ДА ГИ УПЛАШАТ НАШИТЕ АКТИВИСТИ И ГИ БРКААТ ОД РАБОТА
Коалицијата ААА, која го поддржува Сали, во изминатиот период информира дека поради притисоци од ДУИ беше отпуштен член на советот од Чаир од ЈСП, а, како што појаснува Сали, ова е поради страв кој кај ДУИ создава паника.
-Тие се сериозно уплашени и стравуваат за нивната иднина, бидејќи ја губат битката во Општина Чаир. И добро е што стравуваат, бидејќи законот нема да штити никого. Но, во состојба на страв и паника, тие прават грешки кои секако им се враќаат како бумеранг. Сакаат да ги уплашат нашите активисти, симпатизери и гласачи, се одмаздуваат и бркаат од работа. Жалиме што нашиот независен кандидат на листата на советот на општината, Џелал Ајдар, е отстранет од работа, сигурен сум дека со ваквиот чин еден човек го оставиле без плата, но на нас ни ја запечатија победата. Тоа во спорт се нарекува автогол – порачува Сали.
ЈАВНА КУЈНА, ПРОШИРУВАЊЕ НА БУЛЕВАРИТЕ, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ
Сали појаснува дека доколку ја добие довербата на граѓаните во Чаир меѓу главните приоритети се еднонасочните улици, 1700 паркинг места, јавна кујна со 500 оброци- три пати на ден, за социјално ранливите категории на граѓани, „огништа“ за стари лица, три полициски пунктови за зголемување на безбедноста, електронски шалтери за општинската документација, поврзување на училиштата со централно греење, основање и градење на Центар за култура, иновации и претприемништво „Чаир“, 250 илјади евра годишно за поправка и одржување на колективното домување, формирање на Комисија за мултиетнички баланс во Чаир и годишен буџет за помош на мултиетничкиот живот и ред други проекти.
Тој вели дека во светот постојат безброј примери на густи општини, како Чаир. Тој посочува дека планира проширување на булеварите со посебно внимание на велосипедските и тротинетските патеки, како и на безбедноста и движењето на пешаците.
-Кога смена темата сообраќај, најголем проблем во Чаир е отсуството на паркинг. Затоа ние најмногу сме биле фокусирани на решавање на овој проблем. Досега, според нашите проценки и анализи, ние веќе сме сигурни дека во текот на нашиот четиригодишен мандат ќе обезбедиме околу 1700 паркинг места (со три подзмени паркинзи и реорганизација на постојните паркинг-простори), што ќе значи големо ублажување на овој проблем или, пак, целосно решавање на проблемот – потенцира Сали.
Редакцијата на ” Фокус” претходно објави разговор со противкандидатот и сегашен градоначалник Висар Ганиу, можете да го видите на следниот линклинк.
Соња Танеска