Амбасадорот на САД, Џес Бејли, денеска на одбележувањето на 66-годишнината од формирањето на НАТО изјави дека не постои подобро време од сега да се одврзе јазолот околу спорот за името, при што САД и другите пријатели се подготвени да асистираат меѓу нашите и напорите на Атина.
Тој порача дека САД биле фрустрирани што Македонија се уште не е членка на Алијансата и што овој процес не се забрзува, бидејќи е незавршена работа во долгогодишните напори на сојузниците за слободна и мирна Европа.
Сепак, Бејли посочи неколку услови кои Македонија треба да ги исполни, иако на Самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт единствена пречка за влез беше спорот со името, односно ветото на Грција.
-Земјите-членки мора да спроведат реформи во изборниот процес, отчетност, владеење на правото и демократски слободи. Кредибилни услови, работата на Специјалниот обвинител, реформите во медиумите и во други области испраќаат стратешка порака до идните партнери во НАТО околу вашата посветеност кон вредностите на северноатланската повелба. Половични мерки испраќаат спротивна порака, а тоа може да резултира со ерозија на поддршката. Така што, овие три области, заедно со односите со Грција, одбранбените можности, демократијата и владеењето на правото нудат можности и се признание за многуте предизвици околу нас, рече Бејли.