Бејли: САД ќе бидат разочарани ако има ново вето за Македонија за влез во ЕУ

by Fokus

Уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но дека ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија, изјави поранешниот амбасадор на САД во Македонија Џес Бејли за „Гласот на Америка на македонски“.

Бејли е оптимист дека земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот.

И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, рече Бејли.

Според него никој не го спори позитивниот резултат од Преспанскиот договор, кој, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот.

Следната недела, на 17 јуни, се одбележуваат пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата го промени името во Северна Македонија, а една година подоцна стана членка на НАТО.

„За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата. Сфаќам дека многу луѓе се противат и сочувствувам со фрустрацијата на луѓето поради тоа“, вели Бејли.

Според него уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не признава дека таму живеат Македонци  и покрај пресудите на Судот во Стразбур.

„Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа. Северна Македонија е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, и мислам дека уставниот амандман предложен во моментов само го зголемува тоа, така што ако Бугарија одлучи да не го прави тоа, добро, тоа е нејзин проблем“, рече Бејли.

Ако државата сега не ги почне преговорите, не е јасно колку долго дополнително ќе биде одложено пристапувањето во ЕУ, вели тој.

„Колку долго? Не знам. Навраќајќи се на договорот од Преспа, јас јасно им кажав на луѓето дека не мислев оти брзо ќе имаше подобар договор од Преспа ако тој беше одбиен, и затоа тоа е размислување што луѓето треба да го земат предвид, лидерите конкретно“.

 

Поврзани новости