Бејли: Преспа ми изгледа како добар договор, никој не се противи на членството на Македонија во НАТО

by Fokus

Причина за загриженост се тензиите меѓу Косово и Србија и тие може да разгорат безбедносни проблеми на Западен Балкан, изјави поранешниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли за „Глас на Америка на македонски“. Според него членството на Северна Македонија во НАТО „ја прави таа ситуација да не биде толку акутна како што можеше да биде инаку“.

„На крајот, кога ќе погледнам пет години наназад, Преспа ми изгледа како добар договор. Северна Македонија е во НАТО како што беше предвидено откако го реши проблемот, нејзините односи со Грција се значително подобри, вклучително и во важни области како што е енергијата, а сега Македонија е опкружена со соседи, кои се нејзини цврсти сојузници во безбедносната алијанса. Тоа е многу поинаква ситуација од онаа што ја имавте во 2018 година“, рече Бејли.

Според него Преспанскиот договор не разочара во однос на интеграција на земјата во Европската унија.

„Не мислам дека потфрли во однос на перспективата, бидејќи Преспа секако беше со Грција и нејзината блокада конкретно навистина повеќе за во НАТО. Таму почна. Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“, изјави Бејли.

За изјавите на опозицијата дека Преспанскиот договор е реалност која не ѝ се допаѓа, и дека ако дојде на власт ќе работи на тоа да се промени, Бејли изјави:

„Тие сигурно би можеле да разговараат со нивниот партнер во договорот, Грција, доколку имаат некакви грижи или одредени работи да треба да се сменат и тоа би требало да се направи со заеднички договор. Не слушам никој меѓу најголемите политички партии да се противи на членството на Македонија во НАТО, и навистина, да се противи на воената соработка со Грција или соработката во други области. Затоа, мислам дека ги постигна своите цели. Ако има нешто за кое сакаат да разговараат со Грција тоа можат да го направат. Не знам што тоа би било и сигурно не знам каква би била реакцијата на Грција“.

Поврзани новости