Американскиот амбасадор Џес Бејли, кој си заминува од функцијата, во интервју за емисијата 360 Степени изјави дека расправата за одземање на имунитетот на Вељановски е исто толку важна, колку што е и одговорноста за настаните од 27 април. Бејли ги избегна коментарите за некаков можен договор меѓу ДУИ и ВМРО.
-Овие две прашања, одговорноста за 27 април, исто така и одземањето на имунитетот на пратеникот, се многу важни прашања кои треба да се земат во предвид. Затоа мислам дека ова се случува во вашиот политички систем и ќе видиме каков исход ќе добие. Тоа е суверена одлука која треба да ја донесе Парламентот, рече Бејли.
Нема да ги коментирате алузиите за договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ?
-Знам дека има многу коментари за тоа што значи ова, кој со кого разговарал, но јас не сакам да ги коментирам тие работи. Ние ги гледаме фундаменталните прашања дека апсењето на еден пратеник е сериозно прашање, а исто така е важно прашањето за да има одговорност за настаните од 27 април, изјави Бејли.