Џес Бејли, поранешен амбасадор на САД во Македонија вели дека корупцијата не може да се реши со магична санкција од САД и дека реформите во земјата се клучни за нејзиниот влез во Европската Унија.
„Мислам дека во крајна линија она што ќе ја зајакне борбата против корупцијата во земјата се постапките на судството и институциите во Македонија во борбата против ова. Можеби американските санкции или можеби назначувањата можат да помогнат во тој поглед, но, на крајот на денот, граѓаните на земјата и институциите во земјата ќе треба да се борат против ова. И така, не е дека ќе има некоја магична санкција што доаѓа однадвор и одеднаш ќе ги реши проблемите. Тоа не може да обезбеди доверба во институциите. Институциите мора да ја заслужат“, изјави Бејли за „Глас на Америка на македонски“.
Според него во борбата со корупцијата има напредок од времето на владата на Никола Груевски.
„Мислам дека ако направите споредба кога пристигнав во Скопје во 2015 година, кога излегуваа таканаречените бомби, кога се појавуваа многу информации за владата на тогашниот премиер Никола Груевски, и кога гледате што се случуваше тогаш и потоа – имало судења од висок профил, имало некои сериозни истраги за корупција, видовте дека некои судски актери се судени за злоупотреба на системот. Значи, видовте одреден напредок. Дали е совршено? Апсолутно не. Има некои прашања додека зборуваме за Судскиот систем и така натаму. Значи, навистина треба да се има посветеност и да се покаже напредок во таа област, не само за Европската Унија, туку и за граѓаните на Северна Македонија. Тие никогаш нема да имаат доверба во нивниот систем ако постои перцепција за корупција на високо ниво што продолжува неказнето. Потребна е транспарентност и одговорност“, рече Бејли.
За постапката на Јавното обвинителство поврзана со договорот за изведба и надзор над изградбата на коридорите 8 и 10д во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело, каде изведувач е американско-турската компанија „Бехтел и Енка“ Бејли вели дека ги нема сите детали, но дека Бехтел е реномирана американска компанија.
„Ги немам сите детали за тоа. Знам дека ова е прашање отворено во јавноста и верувам пред Парламентот додека разгледува законски измени и други измени во врска со договорот. Знам дека Бехтел е многу реномирана американска компанија која работела низ целиот свет и има испорачано многу добри резултати на многу места. Се разбира, ова е прашање што треба да го разгледаат институциите. И тоа е сосема нормално. Мислам дека, исто така, е важно да се има на ум како функционираат овие поголеми договори и различните механизми што се користат. Мислам дека изградбата на коридорите 8 и 10 е многу важна за економската иднина на Македонија“, изјави Бејли.