Амбасадорот на САД, Џес Бејли, во изјава за „ТВ21“, категорично ги отфрла обвинувањата дека САД се било како вмешани во случувањата во Собранието од петокот кога со двотртинско мнозинство беше изгласана иницијативата на Владата за пристапување кон уставни измени.
Како што вели Бејли, таквите обвинувања се апсурд. Тој негира дека бил во Собранието клучниот ден и додава дека преносот од собраниската сала го следел од својата дневна соба.
-Јасно е дека се апсурдни обвиненијата дека САД нелегално се вмешани и влијаеле на гласањето во Собрание, тоа е апсурдно. Како што изјавивме, ние го поздравивме гласањето во Собранието на Македонија за иницирање на уставни измени и спроведување на Преспанскиот договор. Јас тој ден работев во мојата канцеларија, учествував на настанот организиран од амбасадата вечерта и како повеќето граѓани на Македонија го следев гласањето на телевизија од мојата дневна соба – вели Бејли.
Пред два дена Руското МНР обвини дека 8-те гласа од опозицијата се обезбедени со уцена, закани и поткуп.
„Пратениците се затворија во канцелариите, телефоните им беа одземени, се чини во духот на европската демократска пракса. Вреди да се спомне дека американскиот амбасадор бил во Парламентот до крајот на седницата, нешто што остава сомнеж за тоа кој го раководел овој процес“, соопшти МНР на Русија.