Хрватскиот евровизиски претставник, младиот музичар Бејби Лазања, на крајот на годината за првпат доаѓа во Скопје.
Тој ќе настапи на фестивалот Таксират на седми декември, а влезниците веќе се пуштени во продажба.
-Глобално обожуван со евровизискиот мегахит „Rim Tim Tagi Dim“, тој се најде во Топ 5 на „Global Spotify‘s Viral 50“ и „Top 50 Global“ листите, а во моментов само на Spotify брои повеќе од 50 милиони стримови!
Со неверојатен концертен успех годинава оствари и четири месеци однапред распродадени концерти во Полска, виенскиот кој поради огромен интерес беше преселен во трипати поголема арена, три распродадени стадионски концерти во Загреб и секако, настапите како хедлајнер на најголемите фестивали во регионов.
За следната година, веќе е закажана голема турнеја низ ЕУ и Велика Британија, и тоа во продукција на Live Nation, најголемата светска промотерска куќа.
На самиот крај од неговата фантастична година, Baby Lasagna пристигнува и кај нас, најавија организаторите на фестивалот.
Марко Пуришиќ, кој настапува под името Бејби Лазања, го освои регионот, но и публиката во Европа, откако на Евровизија 2024 заврши на второто место.
Дваесет и осумгодишниот музичар ја почнал музичката кариера во 2011, а пред да почне да настапува соло во 2022, беше фронтмен на хрватските групи „Мантра“ и „Бастион“.
Вики Клинчарова