Јавното претпријатие за Државни патишта (ЈПДП) годинава не добило пари од државниот буџет наменети за изведувачот „Бехтел и Енка“ кој ги гради новите автопатски делници на коридорите 8 и 10Д.
Во последниот извештај на надзорот кој го објави ЈПДП, а се однесува на сработеното во јули, изведувачот продолжил да работи главно за експропријација, геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации и мобилизациски работи, како и градежните активности главно за земјени работи и конструкции.
Според посебната годишна програма за овој проект, за изведувачот кој треба да ги изгради делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола, требаше тековно да се исплаќаат 250 милиони евра во 2024, но засега нема трансакција на ниту едно евро за оваа намена за „Државни патишта“.
Последната трансакција Министерството за транспорт и врски ја направи во последните два работни дена од минатата година кога на ЈПДП му исплати 43 милиони евра.
Со тоа се заокружи предвидената финансиска програма во првата година од договорот за изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д. Се на се, во текот на минатата година вкупно беа исплатени околу 240 милиони евра.
Во извештајот се вели дека во последниот период се работело на изградба на камп за работници и дека се врши ископ на градежен материјал, се чекаат и документи за урбани проекти од општините Тетово, Гостивар, Прилеп и Битола. Се споменува дека во тек е и геодетското координирање и мапирање, што според изведувачот е при крај, а поголемиот дел од работата на испитувањето на почвата бил завршен.
Минатото лето се осмислувал и дизајнот на придружните елементи како мостови, вијадукти, надвозници и потпорни ѕидови. Се вршело и отстранување на старата инфраструктура и се барале неексплодирани средства од минатите војни. Дренажата, рамнењето и асфалтирањето не е започнато на ниту една од делниците.
„Дизајнот на автопатот опфаќа различни елементи и размислувања насочени кон создавање безбедни, ефикасни и одржливи автопати за брз сообраќај на возила. Дизајнерите внимателно планираат трасата на автопатот, земајќи ги предвид факторите како што се теренот, влијанието врз животната средина, земјиштето употреба и очекуваниот обем на сообраќај. Порамнувањето треба да ги минимизира нарушувањата на постоечките инфраструктурата и заедниците, истовремено обезбедувајќи најефикасен пат за патување.
Интеграцијата на добро дизајнираните компоненти на коловозот, одводот и тротоарот е од клучно значење за создавање на автопат кој ги задоволува потребите на корисниците, притоа минимизирајќи ги негативните влијанија врз животната средина и максимизирање на животниот век на инфраструктурата. Со внимателно разгледување на овие елементи за време на фазата на дизајнирање, транспортните инженери можат да создадат одржлив и еластичен автопатски систем кој и служи на заедницата во годините што доаѓаат.
Преместувањето и заштитата на комуналните објекти се клучни аспекти на проектите за автопат, со што се обезбедуват постоечките комунални услуги како што се водоводни цевки, гасоводи, телекомуникациски кабли и електрична енергија.
На трасата Прилеп – Битола изведувачот истражува неексплодирани средства (бомби, гранати, гранати, нагазни мини, поморски мини, касетна муниција и друга муниција) кои не експлодирале кога биле употребени и сè уште претставуваат ризик од детонација“, се вели во Извештајот.
Инаку Министерство за транспорт и врски како капитален расход на изведувачот преку ЈП „Државни патишта“ треба да му исплати износ од 15.100.000.000 денари во текот на 2024, пишува во официјалната програма, а во актот се вели дека средствата се проектирани согласно договорот со „Бехтел и Енка“ постигнат во март минатата година.
Орце Костов