Бегале од колера и бродот им потонал кај Мозамбик, над 90 луѓе се удавиле

by Fokus

Повеќе од 90 луѓе се удавија откако брод потона северно од брегот на африканската земја Мозамбик, соопштија локалните власти.

Официјални лица во провинцијата Нампула соопштија дека пет од 130-те лица за кои се верува дека биле на бродот што потона во близина на островот Мозамбик, во истоимената африканска земја, се спасени, јави Би-Би-Си.

Се вели дека патниците бегале од епидемија на колера, изјави секретарот на провинцијата Хаиме Нето, додавајќи дека меѓу загинатите има многу деца.

– Превртувањето се случи затоа што бродот беше преполн, не беше дизајниран да превезува толку многу патници – изјави Нето.

На видеото на социјалните мрежи се гледаат десетици тела на плажа.

Бродот патувал од Лунка кон островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јави португалската јавна телевизија РТП.

Провинцијата Нампула е една од најтешко погодените од епидемијата на колера, која од јануари минатата година се прошири во неколку земји во јужна Африка.

Поврзани новости