Албанскиот претседател Бајрам Бегај, по консултативните средби со претставниците на политичките партии, денеска потпиша уредба со која за датум на следните локални избори го одреди 14 мај 2023 година.
-Претседателот го оценува периодот до изборите како многу важен за успешно завршување на овој демократски предизвик за институциите, политичките партии и целото албанско општество, како и дека е време да се покаже посветеност и институционална соработка, политичка зрелост и граѓанска одговорност, стои во објавата од неговиот кабинет.
Бегај ги повикува сите партии да пристапат на овој датум со понизност и почит кон граѓаните и политичките противници.
-Шефот на државата ги повикува гласачите да не ја занемаруваат граѓанската должност, да бидат добро информирани за политичките алтернативи и да го користат правото на глас, без влијание на интереси кои го нарушуваат гласањето и слободната волја, се наведува во објавата.
Меѓу другото, Бегај подвлекува дека Комисијата за изборни реформи има обврска да ја забрза работата и навреме да ги реши сите прашања кои произлегуваат од препораките во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.
Претседателот Бегај во оваа прилика ја акцентира потребата од ” воспоставување политичка нормалност во локалната власт“ и ги повикува политичките партии да излезат на овие избори со ” сериозни и конкурентни политички алтернативи, кои се фокусираат на граѓанинот и на најдобрите демократски стандарди“.
Последните избори, што се одржаа на 30 јуни 2019 година ги бојкотираше обединетата опозиција, па од 61 општина дури во 60 градоначалници беа избрани од редовите на Социјалистичката партија.
Само во општина Финиќ, на југот на земјата, населена со припадници на грчкото малцинство, градоначалник стана кандидат на МЕГА, втора по големина грчката партија во Албанија.