Балкан енерџи груп, компанија која управува со системот за централно греење во најголем дел од градот Скопје во соопштение до јавноста потврдува дека има проблем со набавката на гас и очекува од надлежните институции да спроведат мерки за надминување на енергетската криза.
-Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколкудневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, се со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување на финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење, се вели во соопштението на компанијата.
Тие ги уверуваат граѓаните дека системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно Правилата за снабдување на топлинска енергија. -Внатрешната температура кај потрошувачите се одржува на ниво од 20 +1 оC и не се дозволува истата да падне под 20 оC, велат од БЕГ.
Во периодот од 6-ти до 9-ти јануари 2022 во диспечерскиот центар на БЕГ Снабдување регистрирани биле рекламации на потрошувачи од 204 објекти, од вкупно 2700 објекти кои се приклучени на системот за централно греење со кој управува БЕГ.
-Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и истите се веднаш отстранети. Во останатите објекти од кои е рекламирано, извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20оC, односно испораката на топлина е во согласност со Правилата за снабдување. Само во еден објект измерена е внатрешна температура од 19,5 оC и во истиот е покачено нивото на испорака со цел да се постигнат пропишаните 20 оC, се додава во соопштението.
Од ВМРО ДПМНЕ ја повикаа Владата да најде механизам да помогне – за да не останаат скопјани сред зима со ладни радијатори.
– Почитувани, во 21 век под изговор на т.н. „оптимизиран“ режим, скопјани не ја добиваат потребната топлинска енергија. И покрај покачената цена од 14%, Скопје останува со ладни грејни тела. Зошто РКЕ молчи за овој проблем? Дали навистина компаниите испорачуваат топлинска енергија според Правилата за снабдување и Мрежните правила за дистрибуција на топлина? Зошто Владата одбира да помогне само на ЕСМ, а не на сите оние кои имаат проблеми со зголемување на цените на сите енергенси, вклучувајќи го и БЕГ и Топлификација Скопје-Север?, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од „Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ во соопштение за јавноста информираа дека на никаков начин не се вклучени во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата.
-По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во градот Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека „Адора инженеринг“ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако „Адора инженеринг“ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е „Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје“ (БЕГ).
Групацијата „БЕГ АД Скопје“ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град, се вели во соопштението на „Адора инженеринг“.