„Има разлики и ние сме фракција внатре во ДУИ, и ние сме за решавање на несогласувањата внатре во партијата“ изјавил за државната МИА градоначалникот на Општина Сарај и еден од членовите на фракцијата во ДУИ – Блерим Беџети. Ова доаѓа откако се појави вест дека постојат разлики и меѓу членовите на оваа „огнена“ група.
„Има разлики меѓу нас. Ние сме фракција во рамки на ДУИ и инсистираме за овие прашања да се решава со аргументи преку расправа внатре во Демократската унија за интеграција. Јас, Муса Џафери и Невзат Бејта сме против формирањето нов политички субјект. Нема потреба да се формира нова политичка партија. На тој начин ќе се фрагментаризира, ќе се расцепка албанското бирачко тело“ – рече тој.
За политичката состојба во земјава и процесот на уставните измени, Беџети нагласува дека тие имаат ист став како и сите во ДУИ.
„Мораме да внимаваме да не ги охрабруваме антиевропските сили. Ние во ДУИ сме со став дека ова прашање мора да се реши час поскоро и процесот кон ЕУ да тргне колку е можно побргу“ рече Беџети.