Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на регистрираните онлајн продавници и оние што не се целосно усогласени или воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.
Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници и ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано сите неопходни законски регулативи во работењето.
-Беџот за верификација е дел од иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, има за цел да ги доближи до граѓаните онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи за работење во е-трговијата и да одигра едукативна улога за компаниите кои работат со е-трговија односно да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење, истакнуваат од АЕТМ.
Според Асоцијацијата, главна причина за почнување со оваа активност е потребата од зголемување на довербата во онлајн продавниците, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.
-Во време кога е-трговијата зема сѐ поголем замав, а луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, важно е купувачите да можат да ги разликуваат онлајн продавниците кои ги исполнуваат основните правила и прописи, од оние кои се или неусогласени согласно регулативата или пак се дел од сивата економија. Потребно е купувачите да се свесни од каде купуваат или прават нарачки со цел да се заштитат и самите од било какви идни потешкотии (како враќање на производот доколку не се задоволни). Купувачите треба да знаат и дека кога купуваат од нерегистрирани субјекти (на. пример преку социјални медиуми) немаат заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи, нагласуваат од АЕТМ.
Беџот не ги опфаќа сите е-трговци во земјава и ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ за верификација и кои ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.“
-Меѓу условите кои еден е-трговец треба да ги исполнува се: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има поставена политика за враќање на производите, политика за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат, да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите, наведуваат од Агенцијата.
Од таму додаваат дека листата со е-трговци кои се верифицирале ќе биде достапна и во вид на редовно ажуриран регистар, јавно достапен и објавен на веб страницата ecommerce4all.mk.