951
Доктор Нико Беќароски од Клиниката за токсикологија во Скопје за одлуката на Хрватска да го запре увоз на пратка пиперки од Македонија кај кои се најдени поголеми количични пестицид, тврди дека најдените количини од отровниот пестицид во оваа пратка пиперки нема да предизвикаат здравствени компликации кај луѓето од еднократна употреба.
-Всушност многу е веројатно дека пиперките кои се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на разни пестициди
Тој на социјалните мрежи објави дека пестицидот најден во пиперките кои биле наменети за Хрватска е инсектицид од групата на карбамати кој се уште регуларно се користи во голем број на држави.
-Во текот на овие 33 години клиничка пракса сум имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи сите други успешно заминувале од Клиниката за 3-5 дена. Напоменувам дека сите тие труења биле со концентриран препарат, а не со откриени траги во прехрамбен производ. Конзумирањето на пиперките кои се вратени од Хрватска, поради траги од присуство на овој карбамат е исто толку штетно колку и јадењето на било кој друга пиперка, прскана со било кој друг пестицид, пишува д-р Беќароски.
Тој објаснува дека долгогодишно конзумирање на производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици по здравјето, но дека и кај земјоделците кои користат пестициди постои мода па обично секои неколку години се користи нов пестицид.
-Одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која пред сѐ служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди. Да бев премиер на МК вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви на граѓани, кои поради високите цени овој производ се повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат, пишува д-р Беќаровски.