Легендарниот рок музичар Жељко Бебек изминатиот период ја одржува својата голема јубилејна турнеја по повод пет децении кариера. Во склоп на турнејата, најавени се два концерти во Македонија, и тоа првиот во Битола, на Ракометното игралиште на 17-ти јули, а вториот ќе се одржи наредниот ден, односно на 18-ти јули во Антички театар во Охрид.
Заедно со Бебек настапува и неговиот бенд, во кој членува Ѕвоне (21), неговиот син, кој од неодамна тргнал по неговите музички стапки.
Таткото и синот поради концертната турнеја постојано биле на пат, а според пишувањата на регионалните медиуми, бројот на обожавателки на Ѕвоне секојдневно растел.
– Пред две години ја снимивме песната ,,Каков татко, таков син” и таа песна најјасно го опишува нашиот однос. Јас на почеток се занимавав со спорт, но на изненадување на татко ми, на крај ја избрав музиката. Татко ми никогаш не ме наговараше на тоа, ја избрав музиката бидејќи во неа ја гледам слободата.
Откако сме заедно во таа работа, откако сум дел од неговиот бенд, двајцата меѓусебно се поддржуваме.
Кога не сме на сцената, и дома ги земаме гитарите во раце, свириме, пееме, смислуваме нешто ново. Не се занимаваме со музика единствено кога работиме на нашата викендичка, раскажа младиот музичар во интервју за 24 сата.хр.
Инаку, Жељко Бебек и во својата 77-ма година се уште е препознатлив по енергијата на сцената, а богатиот репертоар, создаван во изминатите 50 години, секогаш ги распродава неговите настапи.
Вики Клинчарова